Вкупниот број на заболени од западнонилска треска во земјава достигна 50, откако за само еден ден беа регистрирани шест нови случаи на инфекцијата.
Меѓу новите пациенти е и првиот потврден случај во Куманово — 65-годишен маж со хронични заболувања кој не патувал во странство. Тој е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје во сериозна здравствена состојба.
„Здравствената состојба на пациентот е сериозна поради присуство на хронични заболувања, вклучително и дијабетес“, изјави директорот на Центарот за јавно здравје Куманово, Херољинд Сакипи. Надлежните најавија дезинфекција на објектот и теренот каде што престојувало заразеното лице.
Останатите пет новодијагностицирани пациенти се од скопскиот регион: тројца жители на општина Гази Баба над 70 години, еден 26-годишник од Зелениково и 59-годишен жител на Аеродром.
Поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир се високоризично подрачје од комарци преку целата година, покажува денеска промовираниот сајт на Министерството за здравство за состојбата со западнонилската треска, од која годинава регистрирани се 53 случаи, 21 се во болница, а починаа петмина.

Сајтот е одлично изработен и содржи податоци за бројот на заразени, за потенцијалните легла и леглата на комарци, за спроведените активности, односно прскањата против комарци, со локација и датум, како и средството со кое е прскано. Исто така го содржи бројот на општини засегнати со болеста, како и бројот на заразени по општини и населени места. На сајтот стои и стапката на заразеност на 100.000 жители, која пак изнесува 2,7.

Според официјалните податоци, од почетокот на сезоната пет лица во земјата починаа како последица на вирусот. Здравствените власти апелираат за користење заштитни средства и навремена медицинска помош при појава на симптоми.

