Мрежа од најмалку двајца вработени во МВР – надреден и подредена, фатени се во процес на изготвување лажна возачка дозвола на човек за мито, а со тоа во Министерството за внатрешни работи отворена е огромна истрага во внатрешната контрола зашто сомнежите се дека на ваков начин се издадени многу возачки дозволи, тврдат извори од МВР за „Слободен печат“.
Како што објави „Слободен печат“ во конкретниот случај, на човек му било кажано да ја пријави својата возачка дозвола како наводно изгубена, а во процесот на изготвување на новата дозвола се планирало да му се допишат повисоки категории отколку онаа што ја имал – дека наводно покрај автомобил може да управува и со шлепер и со автобус.
Доколку истрагата ги потврди ваквите првични сознанија, ова ќе претставува огромен скандал за јавната безбедност, со оглед на тоа што возачите на автобуси превезуваат деца на екскурзии, превезуваат патници и туристи, односно се загрозуваат голем број животи. Исто така, има неприкосновени услови за некој да стане возач на автобус – да има важечко лекарско уверение, да поседува возачка дозвола за камион најмалку две години итн, сѐ со цел да се осигура безбедноста, пишува „Слободен печат“.
Извори позиционирани високо во МВР за „Слободен печат“ потврдиле дека дел од лицата што се под истрага, во минатото биле осомничени и за учество во аферата со лажните пасоши кои им беа издавани на контроверзни ликови од балканското подземје, а кои биле вратени на работа со судски одлуки.

