Изградбата на дата центри изгледа е новиот фокус на политичките партии во земјава, а интересот на јавноста за овие дата центри се зголеми откако Советот на Општина Пехчево разгледуваше една ваква иницијатива.
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека се ќе биде транспарентно и дека дата центрите ќе се градат според Националната стратегија, а јавноста ќе биде информирана за се. Уверува дека дата-центрите ќе се градат според законските услови и места каде што има услови оваа индустрија да се развива.
Тоа е иднината на човештвото, човештвото се движи во таа насока. Минатата година, 2025 или 2024, Франција има 68 милијарди евра инвестиции во дата-центри. БДП на САД е врз основа на вештачката интелегенција и дата-центрите. Да не е тоа, тие ќе бидат во рецесија и банкрот. Сите ние сега треба да одлучиме, дали ќе влеземе во политичко мочуриште на опозицијата која не се разбира и која што испраќа вести кои што немаат никаква врска со реалноста или ќе го фатиме чекорот со правецот во кој што се движи човештвото, изјави вчера Мицкоски.

И додека Мицкоски уверува дека се ќе биде транспарентно, опозицијата прашува со кои пет-шест инвеститори се преговара за изградба на дата центри.
Која е компанијата? Со кого и за што точно се преговара? Кои услови им ги нуди Владата? Нема одговори. Нема имиња. Нема договори. Нема анализи. Нема бројки. Тоа не е транспарентност, туку работа зад затворени врати или „под радарот“. Мицкоски не кажува колку струја и колку вода ќе трошат дата-центрите, велат од опозициската СДСМ.

Опозицијата порачува дека Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати.
СДСМ нема ништо против инвестиции кои носат развој, работни места и нови технологии. Но, инвестициите мора да бидат во интерес на Македонија, а не ресурсите на Македонија да се ставаат во функција на туѓи профити, велат од СДСМ.

