Глорифицирањето на воените злосторници е во спротивност со најосновните европски вредности и за него нема место ниту во Европската унија, ниту во земјите кандидати за членство во Унијата, велат од Европската унија во однос на Ратко Младиќ кој почина во Хаг.
Оттаму посочуваат дека Младиќ бил воен злосторник осуден на доживотен затвор за злосторства против човештвото и геноцидот во Сребреница.
Смртта на Ратко Младиќ предизвика реакции и во Македонија. По објавите на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ во кои го величаат Ратко Младиќ, денеска од Либерално-демократската партија бараат од Владата да се огради од постапките на Стоилковиќ и Китановиќ.
Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид. Ова прашање не завршува со политичката одговорност. Мора да се испита и евентуалната кривична одговорност. Кривичниот законик, во член 407-а, го санкционира јавното негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем, за што е предвидена и казна затвор. Затоа бараме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со овој случај и, доколку се исполнети законските елементи, Кривичниот законик да биде применет без исклучок. Државната функција не смее да биде штит од законот, велат од ЛДП.
Реагираа и од СДСМ од каде велат дека величаењето воени злосторници е кривично дело.
Членот 407-а од Кривичниот законик предвидува одговорност за „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“. Членот 319 од Кривичниот законик го санкционира предизвикувањето или разгорувањето национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост. Законот посебно ја третира и злоупотребата на положбата или овластувањето. Но тука не завршува одговорноста. Членот 20 од Уставот поставува јасна граница за политичките партии којшо директно се однесува на партијата на Стоилковиќ. Програмите и дејствувањата не смеат да бидат насочени кон повикување на воена агресија или разгорување национална, расна или верска омраза и нетрпеливост. Истата црвена линија ја поставува и членот 4 од Законот за политичките партии. Значи, законот постои. Кривичното дело постои. Надлежна институција постои. Што чека Јавното обвинителство? Повик од Мицкоски?, велат од СДСМ.

