Објавите на државни функционери од редовите на Демократската партија на Србите за смртта на Ратко Младиќ ги кренаа на нозе политичките кругови во Македонија. Се бараше Владата веднаш да реагира и да се огради од ваквите објави, а се покрена и прашањето за кривична одговорност.
Либерално-демократската партија побара од МВР и Јавното обвинителство да ги испитаат објавите и изјавите поврзани со случајот и да утврдат дали постојат елементи за кривична одговорност.
ЛДП се повика на член 407-а од Кривичниот законик, за кој наведе дека опфаќа јавно негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем.
Дали конкретните објави ги исполнуваат законските елементи е прашање што може да го утврдат надлежните институции, нагласија од ЛДП.
Опозициските СДСМ и ДУИ побараа политичка и институционална одговорност. СДСМ го повика премиерот Христијан Мицкоски да каже дали величањето на човек осуден за геноцид е став на Владата или испад на нејзини функционери, а ДУИ побара разрешување на Китановиќ и ја обвини ВЛЕН, која е дел од владината коалиција, дека сноси политичка одговорност за однесувањето на партнерите во власта.

Од Владата се оградија и очекуваат актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
Ставот на Китановиќ е негов личен став и неприфатлив за Владата. Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата. Волунтаризам е неприфатлив и Владата ќе побара од Китановиќ да го повлече ставот. Доколку Китановиќ не се согласува со политиките на Владата, очекуваме негово повлекување од позицијата која ја извршува, нагласија од Владата.
Реагираше и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска која во објава на Фејсбук изрази негодување поради ставот на Владата и посочи дека Китановиќ треба кривично да одговара.
Според Пировска, Владата му остава простор за одлучување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Далибор Китановиќ треба да одговара според член 407 -а од КЗ! Да биде апсурдот уште поголем, тој извршува функција на директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците! Нема тука простор за негово одлучување. Човек со такви ставови не треба и не смее да биде вршител на каква било функција, а најмалку таа што во моментов ја врши, напиша Пировска на Фејсбук.

Од друга страна, Китановиќ доби поддршка од неговата Демократска партија на Србите. Поддршка за Далибор Китановиќ, стои во објавата на Фејсбук.
Зошто проблеми? Па во оваа држава терористите кои пукаа на нашите деца, вклучително и на моето, станаа високи владини функционери, а еден примерен дечко, кој ни на мува не згазнал, пуштил обична објава, ако воопшто ја пуштил и ако ова не е пак некоја местенка од СДСМ и ДУИ, пишува во еден од коментарите.
„Вака да се буневте кога тука ги величат УЧК можеби и ќе бевме држава“, пишува во друг коментар споделен од ДПСМ.

Младиќ почина во затворот во Шевенинген на 84 годишна возраст. Беше осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница.

