Новоизбраната претседателка на Основниот кривичен суд во Скопје, Даниела Димовска денеска даде свечена заклетва и вети намалување на заостанатите предмети, целосна анонимизација на судските одлуки и унапредување на транспарентноста.
Димовска, пред да биде избрана за претседателка на Кривичниот суд, 14 месеци ја извршуваше функцијата в.д. претседател на судот.
Во изминатите 14 месеци успеавме да го намалиме приливот на предмети за 4 000. Успеавме да го намалиме бројот на стари предмети за 53 проценти. Успеавме да немаме ниту еден застарен предмет во текот на оваа година. При крај се и процесите за анонимизација на судските одлуки. Во тек е постапката за добивање одобрение од Судскиот совет за нова веб-страница на Судот, изјави Димовска.
Најголем предизвик во работењето на судот, според Димовска, е недостигот на кадар, посочувајќи дека има 130 вработени помалку во споредба со периодот пред неколку години.
Клучот за зголемување на ниската доверба во судството, според неа, лежи во носењето на образложени и разбирливи судски одлуки, а негативните оценки доаѓаат не толку поради работата на судиите, колку поради негативните коментари.
Во однос на коментарите за наводна нејзина блискост со владејачката партија, Димовска се повика на нејзиниот досегашен професионален ангажман.
Сметам дека на сите што ме познаваат и секојдневно се во судот им покажав дека работам професионално, транспарентно, независно, без притисоци и без привилегирање на која било страна, изјави Димовска.
За случајот со нејзиниот брат кој е опфатен со истрагата за пожарот во Пулс во Кочани, Димовска рече декатоа не може да биде пречка, ниту да влијае врз нејзината работа како судија и претседател на судот.

