Сојузот на синдикати на Македонија потсетува дека родителите кои имаат прваче, а работат во фирми каде има потпишано колективни договори, имаат право на платено отсуство од работа за првиот училишен ден.
Во јавниот сектор, ССМ со Општиот колективен договор за јавниот сектор од 2023 година обезбеди ова право да важи за сите работници кои имаат прваче. Тоа значи дека тие имаат право на платено отсуство од работа за првиот училишен ден на своето дете. Во приватниот сектор, за најголем дел од работниците кои се членови на синдикат во ССМ и се опфатени со грански или колективни договори на ниво на работодавач, ова право е исто така обезбедено. За жал, работодавачите одбиваат преку Општиот колективен договор за приватниот сектор ова право да биде гарантирано за сите работници, користејќи го како изговор фактот дека не во сите компании има организиран синдикат, велат од ССМ.
ССМ останува на ставот дека правото на платено отсуство за првиот училишен ден на прваче треба да важи за сите родители и најавува дека ќе продолжи да се бори за негово проширување на сите работници во приватниот сектор.

