Македонскиот долгометражен филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на 47. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, што ќе се одржи од 19 до 25 септември.
Филмот на затворањето, исто така, ќе биде македонски. Тоа е дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, кинематограф е Дејан Димески, еден од позначајните кинематографери од новата македонска филмографија, вели селекторот на програмата Слаѓан Пенев.

Македонската премиера доаѓа непосредно по меѓународното деби на филмот во Германија, а од 16 до 20 септември, филмот ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на 33. Меѓународен филмски фестивал во Олденбург, Германија.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.
Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски.
Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Mартин Иванов, композитор и автор на музиката Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук Дарко Спасовски.

