Грчкиот остров Санторини денес е синоним за луксуз со бели куќи со сини покриви и спектакуларен поглед на Егејското Море. Но, само до пред неколку децении островот изгледал сосема поинаку.
На почетокот на 70-тите години на минатиот век Санторини имал само основна туристичка инфраструктура, ограничени капацитети за сместување на туристи и сериозни проблеми со водоснабдувањето.
Колку Санторини се променил во изминативе пет децении најдобро покажува една мала туристичка публикација од 1971 година насловена „Водич за Санторини“. Како што јави грчката агенција АНА-МПА, водичот е дело на Петрос Делендас, кој е еден од првите луѓе што го препознал туристичкиот потенцијал на островот.
Неговиот опис на Санторини од тоа време тешко дека да се поврзе со денешната слика за дестинацијата што ја посетуваат бројни туристи во текот на целата година.
„Санторини има околу седумдесет и пет (75) кревети“, наведува водичот.
Доаѓањето до островот, исто така, не било лесно. Санторини во тоа време немал соодветно пристаниште, а големата длабочина на морето на западната страна и наносита на источната страна исто така предизикувале проблеми.

Уште поголем предизвик било снабдувањето со вода. Островот нема реки или езера, а водата се собирала во текот на дождовната сезона и се складирала во цистерни. Според водичот, тогаш проточна вода имало само на една локација, во капелата Зоодохос.
За денешните посетители, навикнати на хотели, ресторани, организиран превоз и развиена туристичка инфраструктура, таков Санторини изгледа речиси незамислив.
Туризмот штотуку започнуваше
Во тоа време, туризмот сè уште не бил главната движечка сила на островот. Локалната економија во голема мера се потпирала на земјоделството, лозарството и производството на храна.
Водичот ги издвои Камари и Периса како главни плажи, додека опциите за сместување и храна биле многу ограничени. Патувањето до Санторини во тоа време билоповеќе како аантура, отколку како класичен одмор во развиена туристичка дестинација.

Петрос Делендас го увидел тоа и наместо туристите само да минуваат низ островот, тој се обидел да ги запознае со неговите локални производи и култура.
Фава гравот, виното и капарито стануваат дел од туристичката приказна
Делендас го лансирал првиот организиран простор за изложување и продажба на спакувани производи од Санторини. Меѓу нив биле фава гравот, виното и капарито – храна што сега е дел од препознатливиот гастрономски идентитет на островот.
Во тоа време, како што наведува водичот, овие производи биле речиси непознати за странските туристи, но и за дел од грчкото население.
Идејата била едноставна: она што го произведува островот треба да се претвори во дел од искуството што туристите го носат со себе. Делендас се обидел да ги направи локалните производи повидливи, но и да го претстави самиот Санторини на луѓето кои во тоа време не знаеле многу за него.

Тој дури ги испечатил и првите модерни разгледници на островот во Италија, со што дополнително го промовирал.
Водичот го евидентира и секојдневниот живот на островот
Публикацијата од 1971 година не била само туристички водич. Денес, таа дава и интересен увид во животот на Санторини во тоа време.
Во него се споменуваат болница, дом за стари лица, интернат и училишта во различни населби, како и конзуларните канцеларии од тоа време. Според водичот, островот во минатото имал конзуларни агенции од Австро-Унгарија, Велика Британија, Италија и Германија, додека во времето на објавувањето останала само француската.
Ваквите детали покажуваат дека дури и пред големиот туристички бум, Санторини имал посложена социјална и економска историја отколку што би можело да се заклучи од денешниот туристички имиџ.

Од 75 кревети до глобален туристички бренд
За само неколку децении, Санторини помина долг пат. Од остров со ограничен сместувачки капацитет, без соодветно пристаниште и вода внимателно складирана во цистерни, стана една од најпрепознатливите туристички дестинации во светот.
Неговиот вулкански пејзаж, калдерата, селата Фира и Оја, препознатливата архитектура, вината и локалната гастрономија станаа дел од глобалниот идентитет на островот.
Стариот водич од 1971 година е затоа повеќе од само туристичко издание. Тој покажува како една дестинација може да се промени кога природните и локалните карактеристики се комбинираат со внимателна промоција и развој на туризмот.
Санторини промени речиси сè околу себе – неговата инфраструктура, бројот на посетители и начинот на кој функционира неговата туристичка економија. Она што остана, е истото она што првенствено ги натера патниците да го посетат: неговиот вулкански пејзаж, неговата единствена архитектура, неговите локални производи и карактерот на островот.

