По кратко боледување, на 71-годишна возраст во Скопје почина проф. д-р Јован Донев, универзитетски професор, амбасадор, аналитичар и долгогодишен истражувач, кој зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера, давајќи значаен придонес кон проучувањето на македонската историја, меѓународните односи и современите геополитички процеси.
Донев дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година, каде што подоцна ги завршил и магистерските во 1986 и докторските студии во 1993 година. Неговиот научен фокус беше насочен кон меѓународните политички аспекти на македонското прашање. Својот работен век го мина во Институтот за национална историја, каде што се стекна со звањето редовен професор и научен советник. Исто така, предавања држеше и на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Во периодот од 1999 до 2012 година, Донев ја врши функцијата извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно раководи и со Охридскиот летен универзитет. Во текот на 90-тите години на 20 век, тој е претседател на управниот одбор на Фондацијата „Институт Отворено Општество Македонија“.
Од 2013 до 2017 година, Донев е именуван за македонски амбасадор во Велика Британија, со седиште во Лондон, истовремено акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд. Во 2017 година тој станаува член на Советот за безбедност на Република Македонија, придонесувајќи со своите анализи во областа на надворешната политика и геополитиката.
Во последните години од својот живот, Јован Донев остана активен во јавниот дискурс преку колумни и политички анализи објавувани во медиумите, а беше и автор и коавтор на бројни научни трудови, монографии и публикации посветени на односите на големите сили кон Балканот, местото на Македонија во меѓународните договори и историските околности од периодот на Балканските војни.
Неговата смрт претставува значајна загуба за македонската научна, интелектуална и дипломатска јавност.

