Малите партии остануваат без платено политичко рекламирање за изборите откако Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на Левица и Демократи, кои ја оспоруваа уставноста на Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање.
Ставот на Уставниот суд е дека Собранието има право со закон да решава на кој начин ќе бидат доделувани пари на партии за изборните кампањи и дека веќе имало претходна судска одлука за истите оспорени одредби.
Судот не поведе постапка. Некои од судиите останаа конзистентни на претходно заземениот став дека станува збор за res judicata, односно пресудена работа, изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Тој лично смета дека оспорените одредби од Изборниот законик се неуставни и дека создаваат нееднакви услови за политичките субјекти, но мнозинството судии останале на претходно заземениот став дека за ова прашање веќе е одлучувано.
Толку од „чуварот на Уставот“, реагираа од Левица.
Оваа одлука мора да се чита политички! Уставниот суд денес не поведе постапка за една евидентна политичка дискриминација и цензура. Со тоа уште еднаш покажа дека е целосно неспособен да ја извршува функцијата за која постои. Наместо коректив на власта, Судот се претвора во нејзин продолжен апарат – продолжена рака на ДПМНЕ и чувар на статус квото во Македонија. Ако за ваков случај, со ваква промена на фактичката состојба и со сите укажувања од релевантните институции, нивниот одговор е дека „нема што да се разгледува“, тогаш навистина треба да се запрашаме што воопшто разгледуваат. Дел од судиите од овој состав од функцијата УСТАВЕН СУДИЈА ја задржаа само титулата, а ја заборавија улогата на нивната фотелја: да го ограничуваат самоволието на власта, а не да го покриваат, оценија од Левица.

