Фламанскиот центар за сексуално здравје (Сенсоа) започна нова кампања за да ги охрабри младите луѓе да разговараат за употребата на кондоми со своите сексуални партнери.
Ваквата кампања следува по податоците дека бројот на дијагностицирани сексуално преносливи инфекции останува највисок кај лицата на возраст од 20 до 25 години, додека во исто време употребата на кондоми опаѓа.
Истражувањето спроведено меѓу 304 млади на возраст од 20 до 25 години во белгискиот регион Фландрија покажува дека 82 отсто од нив сметаат оти е важно да се разговара за кондомите со нов сексуален партнер. Сепак, само 51 отсто рекле дека е лесно да се води таков разговор.
Со слогани како „Твојот кондом или мојот?“ и „Расположен/а си за со мене? Додај кондом“, Сенсоа има за цел да ја намали бариерата за разговори на оваа тема.
„Разговорот за кондомите дава резултати. Не велиме дека сите мора секогаш да користат кондом. Понекогаш тоа не е неопходно. Но, тоа го знаете само ако разговарате за тоа однапред“, вели директорот на Сенсоа, Нико Богартс.
Сенсоа дели бесплатни кондоми
Во рамки на кампањата се поставени постери на јавни места, пораки на пакувањата од кондоми, налепници на огледала во угостителските објекти и реклами на социјалните мрежи. Дополнително, Сенсоа дистрибуира 100.000 бесплатни кондоми преку центрите за советување на млади, универзитетите, колеџите и младинските организации.
Сенсоа укажува на важноста на разговорите за превенција од сексуално преносливи инфекции. Од анкетираните лица на возраст од 18 до 24 години, 34,9 отсто изјавиле дека не разговарале за превенција од сексуално преносливи инфекции со својот последен сексуален партнер, додека 56,6 отсто разговарале.
Според фламанската министерка за социјална заштита Каролин Женез, сексуалното образование е исклучително важно за здравјето, а особено за здравјето на младите.
„Во време на лажни вести, поважно е од кога било да се продолжи со пренесување на таа порака. Затоа, многу ми е драго што Сенсоа им нуди на младите конкретен поттик за разговор за сексуалното здравје и употребата на кондоми“, истакна Женез.

