Од денес до вторник паркот Авионче во Аеродром ќе биде домаќин на второто издание на AERO Street Food Festival. Фестивалот носи пет фестивалски вечери исполнети со улична гастрономија, концерти, диџеј-сетови и интерактивна забава за публиката.
Под мотото „Поголем, позвучен и поразновиден!“, секоја вечер на сцената ќе настапуваат по еден бенд и по двајца диџеи.
Ќе настапат бендовите South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division, носејќи различни музички стилови и енергија за сите генерации. За атмосферата пред и по концертните настапи ќе се погрижат Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, DJ Marko, DJ Vaso, DJ Rizinski, диџеите од Fluere, DJ Guardian, DJ Ficho и диџеите од Sure Shotz, со по два диџеј-сета во текот на секоја фестивалска вечер.
На 8 септември, фестивалот ќе биде заокружен со вечер посветена на две македонски легенди.
Acoustic Division ќе приреди специјален трибјут посветен на Владо Јаневски, додека диџеите од Sure Shotz ќе ја заокружат програмата со посебен музички трибјут посветен на ДНК.
Секоја вечер посетителите ќе можат да учествуваат и во натпревари во брзо јадење, квизови со прашања и одговори, како и во други забавни фестивалски предизвици водени од Бомбакис.
Фестивалот се одржува со поддршка од Општина Аеродром, а од годинава поддршка има и од Град Скопје.

