Пожарот кај селото Грачани денес ќе се гаси со засилен број пожарникари, а планирано е да се вклучат и два ер трактора на Дирекцијата за заштита и спасување, еден полициски и еден армиски хеликоптер.
Скопските пожарникари во текот на целата ноќ беа на делови од линијата на пожарот, но поради тешко пристапниот терен гаснењето во текот на ноќта беше отежнато или невозможно, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Ангелов појаснува дека силниот чад што синоќа се чувствуваше во неколку скопски населби е токму од тој пожар, но дека нема опасност.
Синоќа ветрот дуваше во насока на Скопје и чадот од пожарот кој е активен и на косовска и на македонска територија, можеше да се почувствува над неколку скопски населби. Тоа е истиот оној чад кој сите ние кои работиме на гаснење на пожари на отворен простор го вдишуваме секојдневно, од непосредна близина, во неспоредливо поголема концетрација, вели Ангелов.
Пожарот, според Ангелов, не загрозува населени места, горат трева, грмушки и ниски смреки кои создаваат силен пламен и уште посилен чад.

