До денес трае конкурсот за наградата за млади квантитативни умови „Славица Тодоровска – Цаци“. Може да конкурираат млади на возраст од 18 до 30 години кои треба да поднесат истражувачка идеја во форма на апстракт, а најдобриот истражувачки есеј со менторска поддршка ќе освои парична награда од 1.000 евра.
Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, четврта година по ред, го објавува отворениот повик, а на него учеството може да биде индивидуално или како авторски тим од две лица.
За пријавување не е потребен готов истражувачки труд. Кандидатите треба најдоцна до 6 септември 2026 година да поднесат апстракт од најмногу 250 зборови, во кој ќе објаснат кое истражувачко прашање сакаат да го разгледаат, зошто сметаат дека е важно, кои податоци планираат да ги користат и како приближно би пристапиле кон неговата анализа.
Истражувачките идеи треба да бидат релевантни за Македонија и да припаѓаат на една од трите тематски области: младински стандард и економска независност;· формалното образование и можностите со вештачката интелигенција и менталното здравје и дигиталниот свет.
Од пристигнатите апстракти ќе бидат избрани до 10 финалисти, кои ќе учествуваат на работна сесија и ќе добијат менторска поддршка за да ја развијат својата идеја во истражувачки есеј од 1.500 до 1.800 зборови кој треба да се заснова на квантитативна анализа.
Рокот за поднесување на финалните есеи е 10 октомври, а добитникот ќе биде објавен на 20 октомври.
Наградата е создадена во чест на Славица Тодоровска – Цаци, соосновачка на ЗМАИ како потсетник на нејзиниот истражувачки дух, љубопитноста и вербата во знаењето и во потенцијалот на младите луѓе.

