На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска. Од нив, двајца се со потешка клиничка слика и се наоѓаат на Одделот за интензивно лекување, интубирани се и на механичка вентилација.
Сите пациенти се од Скопје, освен еден кој е на одделот за невроинфекции и е од Свети Николе, информира денес директорот на Инфективната клиника Фадил Цана.
Цана потврди дека викендот починал уште еден пациент со што бројката на починати се искачи на осум. Се работи за пациент на 70 години, кој бил примен на 25 август во изразено тешка состојба.
Веднаш по приемот беше сместен во одделот за интензивно лекување, интубиран и беше на механичка вентилација. За целиот овој десетдневен престој, пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман, целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход, вели Цана.

