Tриесет и петтата годишнина од независноста мора да биде нешто повеќе од потсетување на минатото. Мора да биде пресвртна точка во начинот на кој размислуваме за иднината, вели премиерот Христијан Мицкоски по повод 35 години од денот кога во 1991 година граѓаните на референдум се изјаснија дека сакаат независна и самостојна држава.
На свеченоста по повод Денот на независноста, Мицкоски рече дека борбата за државата треба да биде насочена кон изградба на посилна, обединета и достоинствена држава.
Татковина на оние што гласаат за власта и на оние што гласаат за опозицијата и на оние што воопшто не гласаат. На оние што се согласуваат со мене, но и на оние што никогаш нема да се согласат со мене. Затоа што улогата на еден премиер не е да биде премиер само на оние што гласале за него. Владата не смее да биде влада само на една партија, ниту институциите да бидат сопственост на која било политичка структура. Тие му припаѓаат на народот. Зашто власта поминува. Функциите поминуваат. Партиските победи и порази поминуваат. Татковината е таа која што мора да остане, рече Мицкоски

Повторно упати повик за обединување со неистомислениците за важните прашања за државата.
Јас нема да барам од оние што не се согласуваат со мене да почнат да мислат како мене. Ќе барам нешто многу поважно – кога станува збор за државата, да најдеме сила да застанеме еден до друг. И затоа денеска од оваа говорница ги повикувам сите оние неистомисленици да продолжиме и понатаму да дебатираме за темите за кои имаме разлики и тоа е природно и нормално да имаме разлика. Но, ајде да се обединиме кон една работа, а тоа е да застанеме цврсто да ги браниме државните интереси на нашата заедничка татковина. Нема поголема цел од тоа, рече Мицкоски.
За аспирациите за членство во Европската унија повтори дека нема друга опција освен ЕУ, но не по секоја цена. Посочувајќи дека други го создале проблемот, рече дека треба трпение за да се реши.
Истите тие кои што денеска ги слушаме како на отворена сцена не повикуваа да го решиме. И да ќе го решиме. Но треба трпение. Најпрво да се создаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик. Треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна, туку да се прифати факт кој што е векови стар. Тоа се факти од кои што нема бегања, додека не ги прифатиме овие факти, тогаш нема доверба. А кога нема доверба нема ниту дијалог, рече Мицкоски.

