Охрид е домаќин на регионална конференција посветена на актуелните предизвици во еврозоната и нивното влијание врз фискалните политики на земјите од Западен Балкан кои се надвор од Европската Унија.
Конференцијата, што ќе се одржи во хотелот Inex Olgica во Охрид, е во организација на Balkan Economic Forum (BEF), под покровителство на Министерството за финансии и со поддршка од Japan Tobacco International (JTI).
Во услови на сè покомплексно европско и глобално економско опкружување, прашањето за тоа како случувањата во еврозоната се одразуваат врз економиите и јавните финансии на земјите од Западен Балкан добива дополнително значење. Иако не се дел од еврозоната, економиите од регионот се тесно поврзани со европските пазари, инвестиции и економски текови, додека истовремено се соочуваат со потребата да обезбедат стабилни јавни финансии, простор за економски развој и постепено усогласување со европските политики и стандарди.
Ohrid 2026 Regional Conference е замислена како платформа за регионален дијалог и размена на ставови меѓу претставници на институциите, креаторите на економски политики, експертската и академската заедница и приватниот сектор, со фокус на економските и фискалните предизвици кои се заеднички за земјите од регионот.
Целта на конференцијата е дискусијата за европските економски движења да се поврзе со конкретните потреби на земјите од Западен Балкан – од зајакнување на фискалната отпорност и одржливоста на јавните финансии, до создавање услови за долгорочен економски раст и поблиска регионална и европска интеграција.

