Австралиски и индонезиски археолози врз основа на траги пронајдени на заби на остатоци од праисториски луѓе во Индонезија, потврдија дека човековите предци користеле дроги пред најмалку 25.000 години што претставува досега најстара позната систематска употреба на наркотици.
Дрогата потекнувала од орев на бетеловата палма што расте во Југоисточна Азија. Семето од оваа палма денес се користи за предизвикување стимулирачки ефект врз мозокот, сличен како оној што го предизвикува кофеинот. Според една студија од 2015 година, во современи услови производи од бетел конзумира околу 10 проценти од светската популација.
Археологот на Универзитетот Грифит и раководител на истражувачкиот тим, Адам Брум, изјави дека луѓето во тоа време веријатно го користеле бетеловиот орев како еден вид гума за џвакање.

Брум и самиот пробал да џвака бетелов орев и забележал дека устата почнала да му се вкочанува. „Претпоставувам дека тоа бил ефектот што сакале да го постигнат“, изјави Брум за Еј-Би-Си Њуз.
Инаку, покрај како психоактивна дрога, бетеловиот орев може да се користи и како лек против болки.
Археолозите траги од оревот откриле на човечки остатоци пронајдени на две различни локации во Јужен Сулавеси. И во двата случаи станува збор за остатоци од ловци-собирачи, кои имале „енигматични длабоки отпечатоци на забите“. Анализата открила дека тие отпечатоци биле создадени со постојано џвакање и цицање на тркалезен предмет со големина од 1 до 2 сантиметри.

Според Брум, оштетувањата на забите укажува дека луѓето го држеле бетеловиот орев во устата подолг период.
„Колку повеќе го цицале оревот за да ја ублажат болката, толку повеќе штета им предизвикувал на забите и толку повеќе станувале зависни од цицањето на оревот“, изјави Брум.
Научниците посочуваат дека експериментирањето со наркоточни лекови веројатно постоело и порано од пред 25.000 години, но ова се први докази што ја потврдуваат таквата пракса.

