Јавноста конечно вчера разбра колку чинела прославата организирана за 35-годишнината од независноста на државата. Под приитисок на јавноста, Владата обелодени дека биле потрошени 340 милиони денари или 5,5 милиони евра од кои 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределена добивка на Државна лотарија, а останатите од донации од фирми.
Новинарите бараа информации колку чини прославата и дали за тоа се потрошени буџетски пари, но одговор не добија до вчера кога Владата организираше заедничка прес-конференција со Авалон и со Државна лотарија. Единствено во одговор на новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски, без да даде конкретна сума, изјави дека прославата не ги чинела граѓаните ниту денар, туку дека е платена со пари од општествено одговорни компании.
Ова спонзорство е дадено, односно овие средства се обезбедени по основ на Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Се работи за средства од 300 милиони денари коишто беа на ставката на нераспределена добивка и беа пари на самата компанија, која е посебен правен ентитет со посебен правен субјективитет, издвоен од субјективитетот на Владата или на било кои други институции. Тоа што Владата се јавува како основач на компанијата, тоа е во нејзиниот статус на акционер. Значи тие пари не се буџетски пари, тврдеше вчера директорот на АД Државна лотарија, Александар Климовски.
Парите, како што изјави, стануваат буџетски во оној момент кога органите на друштвото, таа нераспределена добивка ќе ја утврдат во финансиските извештаи како дивиденда и ќе дадат налог да се уплати во трезорската сметка.
Во оној момент кога средствата се уплаќаат на трезорската сметка од добивката на компанијата со сите процедури поминати во компанијата, тогаш добиваат статус на средства во буџетот. Сè додека средствата лежат на сметката на компанијата, тие се корпоративни пари, рече вчера Климовски.
Но, пред одржувањето на прес-конференцијата на Владата, опозициската СДСМ објави документи и излезе со тврдење дека со одлука на Владата, е пренаменета неисплатената дивиденда од Државна лотарија.
Секој ден на виделина излегува по некоја нова лага на премиерот Христијан Мицкоски. Ова што се случи со проектот за прославата на независноста, како и во многу други сценарија и други случаи, е една голема проневера на пари. Прво лагата на премиерот, што веќе не е чудо, секој ден се разобличува по една негова лага, парктично арамискиот концепт на владеење на оваа власт, а тоа е како што изјави дека за оваа прослава не бил потрошен ниту денар народни пари. И веднаш потоа поради тоа што не можат да се кријат лагите премногу долго време, одлуката на Владата излезе на виделина, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Одлуката за одделување пари од Државна лотарија за организирање на настаните по повод прославата на Денот на независноста, како што тврдеше СДСМ, е донесена на 167. седница на Владата и станува збор за компанија која е 100 проценти во сопственост на државата.
Владината портпаролка Марија Митева на прес-конференцијата го потврди она што го тврдеше опозицијата, за која рече дека се обидела да фрли политичка дамка на прославата. Митева наведе како одела целата постапка, но дел од тоа веќе и беше познато на јавноста преку објавите во медиумите и тврдењата на опозицијата.
На 28 април годинава, Владата на 167. седница донела заклучок со кој се утврдиле конкретните активности што треба да се реализираат во рамки на прославата. Согласно тие заклучоци, било предвидено ангажирање на А-класа светски артист со А-класа продукција за настан на отворено, кој со своето име и квалитет гарантира посета од минимум 30 000 посетители, потоа организирање на настан со интернационална светска ѕвезда од А-класа во придружба на македонски артисти, како и организирање на минимум 12 настани на територијата на Македонија во форма на театарски и визуелни перформанси со концепт „35 години независна Македонија“.
На јавниот повик била доставена една понуда, од „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, односно субјектот преку кој во конкретната постапка настапува „Авалон интернешнл букинг“.

