Од денес во Гевгелија почнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“. Во текот на три фестивалски дена, посетителите ќе уживаат во традиционалните вкусови, локалните гастрономски производи, вина и сето тоа зачинето со музика и програма наменета за сите генерации.
Годинашното издание ќе се одржи на нова локација – во Mega Shopping Park во Гевгелија. Фестивалот ќе почне во 18:30 часот, а програмата во петок и сабота ќе трае до 01:00 часот по полноќ, додека во недела, содржините ќе започнат во 14 часот и ќе продолжат до полноќ.
Секој фестивалски ден ќе биде посветен на различен препознатлив вкус од југот. Во петок, посетителите ќе можат да ја проследат подготовката и да дегустираат домашен ајвар, саботата ќе биде посветена на смоквите и неделата на традиционалната ракија.
Во фестивалската понуда ќе учествуваат и локални производители и винарии, кои пред посетителите ќе претстават избор на производи и вина. На тој начин, фестивалот ја промовира автентичната гастрономија на гевгелискиот регион и го доближува неговото културно и кулинарско наследство до домашните и странските посетители.
Во музичкиот дел меѓу другите ќе настапат Куку Леле, Два Бона, Каролина, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе.

