Општина Центар изведува градежни активности за поставување на нова водоводна и фекална мрежа на улиците „Анте Хаџи Митков” и „Кеј 13 Ноември” во Маџир Маало. Со овој зафат се прошируваат капацитетите на водоснабдувањето и одведувањето на фекалните води. Вкупната должина на новите цевководи изнесува 127 метри, се вели во соопштението од Општина Центар кое МИА го објавува интегрално.
Станува збор за целосно нова инфраструктура која ќе овозможи поефикасно и постабилно водоснабдување на околу 200 жители на населбата, како и подобро одведување на отпадните води.
„Ја подобруваме инфраструктурата во интерес на граѓаните. Со овој проект жителите на Маџир Маало добиваат современо и сигурно водоснабдување и трајно решение за одведување на фекалните води”, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Општина Центар продолжува со инвестициите во комуналната инфраструктура, со цел сите жители да имаат подобри и поквалитетни услови за живеење.

