Кумановското обвинителство бара притвор за 39-годишен кумановец од село Черкези кој му се заканувал и го навредувал премиерот Христијан Мицкоски. Кумановецот се сомничи за загрозување на сигурноста.
Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, информира Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува.

