Од Охрид и Струга до клиниките „Плодност“ и „Систина“, бремена медицинска сестра во објава на социјалните мрежи ја опишува голготата низ која поминала, а која завршила со губење на плодот.
Љубица Шавреска, која како што вели во објавата на Фејсбук десет години работи во здравството, доживеала нехуман однос и третман од своите колеги, здравствени работници.
Шавреска, во 24+3 гестациска недела од бременоста, почувствувала силни болки и притисок во задниот дел од половината по што се јавила во дежурната служба на гинеколошкото одделение во Охрид.
Докторот дојде видно нервозен и нерасположен. Му ја објаснив состојбата. Ме прегледа со ехо на абдоменот, преглед кој траеше можеби две минути, и ми кажа дека болката е поради тоа што бебето е со нозете надолу и дека така притиска. Ѝ кажа на сестрата да ми даде четири таблети Дабростон. Откако замина, подоцна ѝ се јави на сестрата по телефон со висок тон и ѝ кажа да не го буди за ‘такви глупости’ во три и пол часот навечер, туку да го повика само ако дошла жена да се породи, раскажува Шавреска.
Бидејќи уште имала болки, заминала во Струга каде и било кажано дека можеби има бубрежна колика. Таму, дежурната сестра исто така била видно нервозна што ја разбудила. Примила лек за болката, а наредниот ден отишла на преглед кај својот матичен лекар, кој ѝ дал упат за гинекологија во Охрид.
По прегледот било утврдено дека грлото на матката е значително скратено, а таа на сопствено барање отишла во болницата „Плодност“, каде што било потврдено дека цервиксот е 13 милиметри, но дека мора да се третира во Скопје. Состојбата ѝ се влошила, почнала обилно да крвави и имала неподносливи болки по што почнале со сопругот да има кој да ја прегледа.
Од „Систина“, според нејзиното сведоштво, добиле одговор: „Веднаш да дојде. Ја чекаме.“
„И покрај огромниот ризик, добив терапија, грижа, разбирање, соодветни испитувања и психолошка поддршка – сè она што му е потребно на човек во момент кога му се руши светот, наведува Шавреска.
Во објавата наведува дека не обвинува конкретен лекар за загубата и дека не бара одмазда или казнување, туку промени во здравствениот систем.
„Не барам привилегија. Барам систем во кој никој нема да мора да бара привилегија за да биде спасен. Зашто зад секој пациент стои човек. Зад секоја трудница стои мајка. А зад секоја бременост стои еден цел свет, пишува Шареска во објавата.

