Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека нема да има предвремени парламентарни избори иако во последниот период политичките партии се повеќе го актуелизираат ова прашање.
Гаши на денешниот редовен бригфинг со новинарите рече дека тоа е негова политичка интуиција.
Според мене, не треба да има избори и убеден сум дека нема да има предвремени парламентарни избори. Убеден сум од мое лично име, рече Гаши.
На денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи, информира Гаши, било отворено прашањето за Изборниот законик од страна на претставникот на Левица поради изнесените ставови за предвремени избори.
Гаши вели дека е добро да се разговара за тоа и дека на средбата нагласил ако има подготвеност, работната група во Собранието и координаторите да ги продолжат разговорите за Изборниот законик.
Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега изјави дека нивна цел е да го заокружат мандатот до 2028 година, но ако опозицијата побара, подготвени се да одат на избори. Опозицијата пак вели дека е подготвена за избори, но дека нема да му биде алиби на Мицкоски за предвремени избори.

