Построги контроли на боледувањата и намалување на деновите за боледување од матичен лекар од седум на пет дена, најавува Фондот за здравствено осигурување.
Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за дообезбедување дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за оние лица што не се во можност да дојдат со физичко присуство да го обезбедат боледувањето. Во делот на контролата воспоставуваме механизми за заедничка контрола со другите чинители во рамки на системот, како Управата за јавни приходи, како Министерството за внатрешни работи, сè со цел да можеме посоодветно вработените во рамките на секторот контрола да ги извршуваат своите контроли, изјави денеска директорот на ФЗОМ Златко Перински.
Перински вели дека целта не е да се направи построг, туку поправичен систем и средствата да им се исплаќаат на оние на кои им се најпотребни.
Само во текот на август Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари се издвоени за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања.
Кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на контролата, рече Перински.
Контролите ќе се вршат по пријава на работодавачите, но и по случаен избор. Доколку контролорот не го најде осигуреникот дома, ќе биде оставен документ со кој лицето се упатува да се јави пред лекарска комисија и да даде образложение, а за тоа ќе биде известен и работодавачот.

