Целосно укинување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти бара опозициската СДСМ откако нафтата достигна рекордни цени на светските берзи, а кај нас горивата достигнаа цени околу 100 денари за литар.
Мерката на Владата за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10, според СДСМ е задоцнета, недоволна и манипулативна мерка, која нема суштински да им помогне на граѓаните.
Овие мерки се многу задоцнети и нема да дадат никаков ефект, односно ќе имаат многу мал ефект, нешто што граѓаните не го заслужуваат. Тоа ќе биде само уште една манипулација, како нешто да се обидуваат да направат и да помогнат во оваа криза, а ништо суштински што треба да го почувствуваат граѓаните како олеснување, истакна Филипче.
Со мерките на Владата, рече Филипче на прес-конференција, граѓанин со просечна нето-плата би можел да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер.
Со нашите предлог-мерки ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе, рече Филипче.
Намалувањето на цените на горивата ќе влијае и врз намалувањето на цените на другите производи, рече Филипче.
Со денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од полноќ речиси сите горива ќе се точат по цени околу 100 денари за литар.

