Да не го нарекуваме укинување, туку реконструкција на вториот пензиски столб, вели министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски за судбината на вториот пензиски столб, прашање што се отвори со извештајот на Државниот завод за ревизија и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека идните пензионери во вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.
Во интервју за „360 степени“, Велковски вели дека се земаат предвид повеќе параметри со цел да се зацврсти сиситемот и истовремено граѓаните да имаат поголеми пензии.
„Пред дваесетина години, кога првпат се воспостави ваквиот систем на вториот столб на штедењето на осигурениците, а денеска овие 147 пензионери коишто излегоа за првпат да земаат и пензија од вториот столб, биле поставени на различни параметри. Тие параметри кои тогаш се воспоставувале, променети се комплетно пред сè демографски променети се изминатите 20 години. Опцијата којашто се отвори како дебата е дека е потребно да се провери овој систем. За таа цел, формирани беа одредени работни групи коишто треба да направат анализа и да видиме со денешните параметри што значи штедењето во вториот столб, односно какви би биле приносите на идните пензионери кои треба да излезат во пензија во годините коишто следат, посочува Велковски.
На прашањето дали првите 147 пензионери кои земаат пензии од двата столба, ќе беа позадоволни ако биле осигурани единствено во првиот пензиски столб, Велковски остава тоа да го покажат анализите.
Ако се погледнат денешните пензионери оваа година кои излегоа после 20 години од постоењето на системот, тие се незадоволни поради висината на штедења што ја имале досега. Помал број на години, помала минимална или просечна плата во Македонија низ овие 20 години наназад…, вели Велковски.
Открива дека се прават споредбени анализи со други европски држави кои имаат сличен пензиски модел како на пример Хрватска.

