Кој им ја гарантираше безбедноста на нашите деца кога влегоа во „Пулс“, прашаа родителите на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани кои денеска со транспаренти во вид на срце по 49. пат го одржаа Маршот на ангелите.
На овој марш, тие му се обратија на судот во врска со излегувањето на сопственикот на Пулс Дејан Јовановски-Деко на 3 октомври бидејќи му истекува притворот од една година од подигнувањето на обвинителниот акт.
Само два дена пред овој марш од обраната на Деко слушнавме дека притворот не можел да продолжи „освен ако не се измисли ново кривично дело“ и дека ако имало друго дело досега ќе имало постапка. Во исто време, се нуди и имот како гаранција за негово излегување од притвор. И токму зборот „гаранција“ посебно боли. А ние, родителите, прашуваме: Кој им ја гарантираше безбедноста на нашите деца кога влегоа во „Пулс“?, изјави Валентина Христовска, мајка на едно од загинатите деца.
Родителите бараат судот да одлучи за притворот но, според законот и доказите.
Бараме законот да биде гаранција – гаранција дека ниту еден пропуст нема да остане непроверен, ниту една незаконитост премолчена и ниту една одговорност неиспитана, рече Христовска.

