Улица „Македонија“ во следните три дена ќе биде место на улични живи статуи кои ќе бидат дел од 10. јубилејно издание на „Статуафест – Другото лице на улицата“.
Во трите фестивалски денови на Статуафест ќе бидат поставени 15 улични акти со живи статуи, со учество на повеќе од 20 артисти од продукцијата на „Театроск“.
Театроск е долгогодишен партнер на културната сцена на нашата општина. Години наназад, проектот ,,Центарски улици” со своите живи статуи и креативниот пристап дава посебен белег на јавниот простор во срцето на градот. Горди сме што неделава заедно славиме една деценија од овој уникатен фестивал што ја облагорадува урбаната монотонија во која секојдневно се движиме, создавајќи амбиент што наликува на европска метропола. Општина Центар веќе 4 години финансиски ги поддржува „Центарски улици“, проект кој наиде на одличен одзив кај скопјани “, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасиовски.
Покрај живите статуи, на фестивалскиот простор ќе биде поставена и уметничка инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски, како и ликовна изложба на уметникот Ненад Рафајловски.
Општина Центар годинава издвои еден милион денари од буџетот за перформансот „Центарски улици“, како поддршка и промоцијата на младите македонски уметници, улични перформанси и музички изведувачи.

