Мања Величковска е годинашна добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ за современо критичко пишување што ја доделува АИКА Македонија.
Величковска е избрана во конкуренција со други две авторски кои влегле во потесна конкуренција од вкупно седумте критички текстови што пристигнале на конкурсот.
Жири комисијата ги разгледувала текстовите според шест критериуми: оригиналност на темата и пристапот, аналитичка и критичка длабочина, квалитет на аргументацијата, релевантност на истражуваното прашање, квалитет на пишувањето и јасност на изложувањето и придонес кон развојот на современата критичка мисла.
Значењето на текстот на Мања Величковска се согледува во оригиналното поврзување на конкретни случаи од современата македонска уметност и култура со поширока критичка и теориска рамка.
Поаѓајќи од антиродовите реакции кон изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ и кон творештвото на Јован Јосифовски, како и други примери од полето на уметноста, но и пошироко, авторката истражува како културните содржини, телата и идентитетите се конструираат како општествена закана. Особено значајно е читањето на визуелниот јазик на Јосифовски, преку кое се откриваат врските меѓу семејното насилство, национализмот, религијата и квир искуството, зачувувајќи ја сложеноста на уметничките постапки и нивниот критички потенцијал, велат од АИКА Македонија.
Наградениот текст ќе биде јавно претставен во рамки на годишниот симпозиум на АИКА Македонија и објавен на платформите на Здружението.

