Национална стратегија за вештачка интелигенција и закон за употреба на вештачката интелигенција планира да донесе Владата. Стратегијата треба да биде донесена до крајот на годината, а една од активностите во неа да биде законот.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека утре ќе се одржи состанок со работната група на кој ќе биде презентирана драфт верзијата на стратегијата која потоа ќе биде ставена на ЕНЕР и ќе се организираат неколку јавни дебати.
Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме стратегијата. Една од активностите на стратегијата размислуваме да биде донесување на закон за употреба на вештачката интелигенција. Значи, не регулирање на производството или на создавањето на вештачка интелигенција, туку повеќе на правилното етичко и принципиелно користење за добро на вештачката интелигенција, изјави Андоновски.
Потврди дека Националниот дата центар ќе се гради во Бунарџик и дека веќе се разговара со потенцијални инвеститори.
Тоа е државно земјиште што не се употребува за земјоделство или за нешто друго, така што овој простор ќе го искористиме. Во близина веќе се изградени фотонапонски централи. Планираме и ние во втора фаза покрај дата центарот да изградиме и фотонапонска централа, со која што од 30 до 40 проценти од потрошувачката на електрична енергија ќе ја искористиме од фотонапонската централа, изјави Андоновски.

