Полската армија соопшти дека нејзиното Воено воздухопловство спровела превентивни воздушни операции во воздушниот простор на Полска , како одговор на руските напади врз Украина во близина на нејзините граници.
„Во согласност со важечките процедури, Оперативната команда на полските Вооружени сили, преку Центарот за воздушни операции – Команда на воздушната компонента, ги активираше неопходните сили и ресурси“, се наведува во армиската објава на социјалните мрежи.
Армијата, исто така, ги стави во состојба на готовност и системите за противвоздушна одбрана и за радарско извидување.
Полската армија наведува дека целта на овие превентивни операции била обезбедување и заштита на воздушниот простор на земјата, особено во областите долж полско-украинската граница.
Најавата од Варшава, доаѓа по информациите за руски напад врз станбен комплекс во северниот украински град Суми, при што загинаа две лица, а седум други, меѓу кои и едно дете, се повредени.
Според локалните власти на Суми, двајцата загинати биле вработени во општинската управа. Тројца од повредените се во критична состојба.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќешниот напад во Суми го нарече „апсолутно нехуман“.
Според Зеленски, руските сили извршиле напади и болница во градот Павлоград во централниот дел на земјата, како и врз логистички центар во близина на главниот град Киев, но не соопшти детали за евентуални жртви.
Киевскиот градоначалник Виталиј Кличко соопшти дека Киев бил цел на руски ракетен напад и во текот на вечерта, но не даде информации за евентуални жртви или предизвикана материјална штета.

