Ако партнерот седи до вас и гледа видеа на ТикТок, веројатно нема да имате желба за гушкање, вели сексологот и терапевтка за врски Клои Де Би, поосчувајќи дека луѓето го потценуваат влијанието на времето поминато пред екраните на мобилните уреди врз нивните врски.
„Паметните телефони ги уништуваат врските, затоа што секојдневно бараат дел од нашето внимание, што инаку би можело да му се посвети на партнерот, пријателите или на други важни животни прашања“, изјави Де Би.
Таа посочува дека во нејзината пракса забележува зголемување на поплаките од типот дека „партнерот поминува многу време на паметниот телефон“, феномен за кој постои дури и официјален термин: „фабинг“ (phubbing). Тој се дефинира како игнорирање на лицето со кое сте во друштво, поради посветување внимание на паметниот телефон.
Феномен „фабинг“ – игнорирање на лицето со кое сте во друштво, поради посветување внимание на паметниот телефон.
„Не се работи толку за тоа дали смеете или не смеете да го користите паметниот телефон. Се работи за меѓусебно посветување внимание. Тоа навистина мора да биде возможно. А честопати токму тука лежи проблемот“, посочува експертката.
Лактите и паметниот телефон подалеку од масата
Според Де Би, самиот факт што паметниот телефон стои до вас на масата влијае на длабочината на разговорите, дури и кога не го користиме. Помислата дека може да стигне известување или телефонски повик може да ни го одвлече вниманието.
„Дури и известување од апликацијата за временска прогноза може да добие предност пред интересниот разговор со партнерот“, вели Де Би.
Според неа, тоа може да биде болно за другата страна, бидејќи покажува кои се нашите приоритети.
Не го ставајте паметниот телефон до вас на масата, едноставно тргнете го настрана,
Клои Де Би, сексолог и терапевтка за врски.
Паметните телефони не се секси
Нашиот сексуален живот не е имун на времето поминато пред екранот, па така се забележува пад во квалитетот на сексуалниот живот од појавата на паметните телефони. Но, не треба да се извлекуваат избрзани заклучоци за причинско-последична врска, бидејќи тоа што две работи се појавуваат заедно, не значи дека секогаш едната е причина за другата.
Според Де Би, времето поминато пред екраните на уредите може да ја попречи поврзаноста меѓу партнерите, бидејќи за интимност и сексуалност се потребни време и внимание. Токму затоа таа паметните телефони ги нарекува „нарушувачи на расположението“.
„Ако партнерот до вас гледа видеа на ТикТок, мала е веројатноста дека ќе посакате да се припиете до него. Пред појавата на паметните телефони, едноставно имало помалку работи што го одвлекувале вниманието во вечерните часови. Седењето блиску еден до друг, посветувањето внимание, пријатниот разговор, бакнувањето и гушкањето можеби воделе и до нешто повеќе, но сега секогаш постои нешто што го одвлекува вниманието“, вели сексологот.
Де Би поосчува дека често слуша оти луѓето го доживуваат сексот како „напор“, а прелистувањето содржини на телефон, односно „скролањето“, како „релаксација“.
„Екранот не мора да значи релаксација. За многумина, тој е и извор на стрес и анксиозност“, додадва таа.
Волшебен круг на повеќе „скролање“, а помалку секс
Сепак, според Де Би, паметниот телефон не е секогаш виновникот за помала сексуална активност, бидејќи за некои парови уредот може да биде начин за бегство.
„Постои поврзаност меѓу прекумерната употреба на паметни телефони, помалото задоволство од врската и помалку секс. Но, може да биде и обратно: оние што не се чувствуваат пријатно во сопствената кожа или имаат помалку секс, може почесто да се повлекуваат во светот на паметните телефони“, истакнува Де Би.
Таа посочува дека врските се сложен однос и секогаш не е јасно што е причина, а што последица.
„Веројатно има вистина и во двете теории и станува збор за волшебен круг: помалку секс – повеќе време на телефонот, повеќе време на телефонот – помалку секс.“
Модерната технологија може да одигра и позитивна улога во врските, ако се користи за „секстинг“,
Клои Де Би, сексолог и терапевтка за врски.
Сепак, технологијата може да одигра и позитивна улога во врските. На пример, ако се користи за „секстинг“ (размена на еротски пораки).
„Сè додека технологијата се користи за подобрување на врската, таа може да има позитивно влијание“, заклучува Де Би.
Паметен телефон во спалната соба – да или не?
Според Де Би, спалната соба не мора нужно да биде зона без паметни телефони.
„Што се однесува до мене, тој секогаш може да биде таму. Често слушам луѓе како велат дека им служи како будилник. Сè зависи од тоа како го користите. Ако само стои на ноќното шкафче, тоа не штети. Но, ако почнете со часови да прелистувате содржини на него, тогаш тоа претставува проблем“, цели терапевтката.
Покрај тоа, таа укажува и на влијанието што времето поминато пред екранот го има врз нашиот сон. „Уморот поради недостаток на сон ја убива желбата за секс, а тогаш се враќаме на почеток“, вели Де Би.
На паровите кои забележуваат дека паметниот телефон им станува проблем, таа не им препорачува целосно да го забранат уредот. Но, секако тоа не треба да се прави ако забраната е наметната од партнерот.
Според Де Би, подобро е да се градат позитивни врски за кои не е потребен паметен телефон. „Размислете за излегување или дружење без да го вадите телефонот. Или, дозволете си по 15 минути прелистување содржини пред спиење, наместете аларм, а потоа посветете се на квалитетно време поминато заедно. На тој начин, паметниот телефон може да добие помалку важно место. Ќе видите дека луѓето автоматски помалку ќе посегнуваат по телефонот, бидејќи реалноста е позабавна“, заклучува Де Би.

