Данската Влада денеска изрази претпазлив оптимизам во врска со објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека е постигнат договор за Гренланд, со кој ќе се зголеми военото присуство на САД на островот, но тој ќе остане под контрола на Данска.
Трамп во вчерашната објава нагласи дека договорот ќе им овозможи на САД „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд, целосно решавајќи ги СИТЕ наши многубројни загрижености“.
Објавата дека е поситгнат договор следи по повеќе месеци закани од страна на Трамп дека САД ќе преземат контрола врз Гренланд, автономната територија на Данска, која е американски НАТО-сојузник.
Но, како што наведуваат американските медиуми, Данска и САД веќе со години имаат склучено Договор за безбедност, кој овозможува распоредување на американски сили на Гренланд, така што не е сосема јасно во што новиот договор се разликува од постоечкиот.
Новиот договор ќе биде потпишан во ОН
Владата на данската премиерка Мете Фредериксен денеска соопшти дека договорот ќе биде потпишан од „владите на сите три страни“ следната недела за време на заседанието на Генералното собрание на ОН.
„Следната недела може да биде добра недела… и за Гренланд и за Данска, како и за САД. Се надеваме дека периодот на неизвесност ќе биде заменет со обврзувачки договор што ќе ја зајакне безбедноста во Арктикот и Северниот Атлантик, а со тоа и нашата заедничка безбедност во рамките на НАТО и Европа, почитувајќи ги црвените линии на Кралството Данска“, наведе деенска данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен во објава на социјалните мрежи.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен изјави дека е задоволен од договорот, за кој рече дека „придонесува не само за заедничката безбедност, туку и за понатамошниот развој на самата земја“.
Министерот за надворешни работи на Гренланд, Муте Б. Егеге, рече дека е среќен што „договорот сега е на дофат“.
„Беше потребно време. Драго ми е што конечно имаме договор на дофат. И време е“, изјави Егеге за данската телевизија ТВ2.
Пред да стапи во сили договорот ќе треба да боде одобрен низ парламентарни процедури во Данска и Гренланд, за што нема гаранции дека ќе се случи.
Но, и покрај ова Трамп најави дека врз основа на договорот, САД „веднаш“ ќе го започнат процесот на воспоставување поголемо воено присуство на данската територија, која е богатата со минерали.
САД за време на Студената војна имаа повеќе бази и воени инсталации на Гренланд, но по падот на Берлинскиот ѕид го намалија своето присуство на островот.
Американски сили сè уште се стационирани во оддалечената вселенска база „Питуфик“ во северозападниот дел на островот, која беше изградена откако САД и Данска го потпишаа Договорот за одбрана на Гренланд во 1951 година. Базата поддржува операции за предупредување од ракети, ракетна одбрана и вселенски надзор за САД и НАТО.

Засега се познати малку детали од новиот договор
Функционер на американскиот Стејт департмент изјави дека договорот забранува постоење на бази на Гренланд на земји кои не се членки на НАТО и ја ограничува можноста на противниците да инвестираат во Гренланд. Ова, според него, гарантира дека Кина и Русија нема да можат да имаат бази на островот на кој живеат околу 56.000 луѓе.
Данска и Гренланд не потврдија експлицитно ниту еден од деталите што Трамп ги наведе во своите изјави, ниту пак дадоа информации за содржината на договорот или за правата и обврските на страните потписнички.
Американските медиуми оценуваат дека Трамп го искористи договорот за покаже ново постигнување на надворешната политика на неговата Администрација во пресрет на ноемвриските избори на членови на Конгресот на САД, како и на гувернери и парламенти на поголем број сојузни држави.
Уште на старот на својот втор претседателски мандат, на почетокот на 2025 години, Трамп ја повика Данска „да им го продаде“ островот на САД, инсистирајќи дека Гренланд е од суштинско значење за безбедноста на нговата земја. Тој притоа, не ја исклучи можноста за преземање на островот со воена сила, иако Данска е сојузник на САД во НАТО.
Данска и Гренланд постојано велат дека островот не е на продажба и ги осудија извештаите дека САД собираат разузнавачки податоци таму. Иницијативата на САД во врска со Гренланд, исто така, наиде на силен отпор од Русија и голем дел од Европа.
Гренладскиот активист Орла Јелсен, кој се залага за сувереност на островот, на социјалните мрежи објави дека со договорот е добиена борба против „амбицијата на Трамп да го преземе Гренланд“.
„Новиот договор експлицитно го признава суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска, како и правото на народот на Гренланд на самоопределување“, додаде Јелсен.

