Доктор Дарко Василевски во отворено писмо до Министерството за здравство, Деканатот на Медицинскиот факултет и Министерството за образование најавува штрајк со глад бидејќи по третпат е одбиен на огласот за вработување за кој тврди дека е спроведен нетранспарентно.
Со ова писмо јавно го изразувам моето длабоко незадоволство од начинот на кој е спроведена постапката за селекција на кандидати и донесена одлуката за вработување по јавниот оглас 01/2026 за вработување на доктор по медицина, 2 (два) извршители за Институт за медицинска и експериментална физиологија со антропологија на неопределено време на Медицински факултет во Скопје во состав на УКИМ“,вели Василевски.
Тврди дека известувањето за примените кандидати било пратено преку мејл, без правна поука и без објаснување врз основа на кои критериуми се избрани примените кандидати.
Годишната возраст не е критериум за вработување, туку основ за дискриминација! Јавниот оглас за вработување треба да биде гаранција за еднакви можности, изборот треба да биде транспарентен, објективен и заснован на знаење, стручност, искуство и исполнување на условите. Како лекар и приватен специјализант кој со години вложува приватни средства во своето образование, професионално усовршување и стекнување знаење, очекував дека на јавен оглас ќе имам еднаква можност да ги претставам своите квалитети, вели Василевски.
Порачува дека не бара никакви привилегии туку фер постапка, вреднување на трудот и транспарентна постапка.

