Јануш Камински синоќа пристигна во Битола на 47. Интернационален филмски фестивал „Браќа Манаки“. Камински е двоен оскаровец и долгогодишен соработник на Стивен Спилберг, едно од најголемите имиња на светската кинематографија.
Шест години подоцна откако ја доби наградата „Златна камера 300“, Камински допатува во Битола и ја поздрави публиката во салата на Центарот за култура.
Оваа награда веќе стои кај мене дома заедно со останатите награди кои сум ги добил. Прекрасна рачна изработка и многу сум среќен и ви благодарам прекрасни луѓе, рече Камински.

Битола синоќа беше центарот на филмската кинематографија. Фестивалот беше отворен со македонската премиера на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума.
Пред повеќе од 100 години кога за прв пат се појави камерата се родила и желбата да се снима животот. Се со една цел-да се сочуваат спомените. Тоа до ден денес не тера да го снимаме она пред нас, на љубов, на споделување на емоција… Сите вие вечерва овде учествувате директно во градење, чување и негување на оваа традиција, на овој Фестивал на која ткаеме љубов, ткаеме нешто убаво со кое сите сме горди. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи. Да живее нашиот фестивал „Браќа Манаки“, рече директорот на фестивалот Димитрија Доксевски на отворањето на фестивалот.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ му беше врачена на годинешниот лауреат, актерот Петар Арсовски.
Арсовски посочи дека ова е признание од луѓето со кои повеќе од 50 години „војува“ пред филмската камера и со кои поминал заедно „и сито и решето“.
Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите кои издржаа со мене 55 години да создаваме македонската кинематографија, рече Арсовски.
Наградата „Специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската уметност му беше доделена на Џеф Кроненвет, а наградата „Специјална Златна камера 300 за животно дело“ на Дан Лаустсен.

