Британската полиција започна истрага по пожарот што избувна рано утринава во хотелот „Гранд Бурстин“ во крајбрежниот град Фолкстон, во југозападна Англија; евакуирани се околу 280 лица, а полицијата го третира инцидентот како сомнителен.
Пожарот започнал околу 01:00 часот по локално време во подрумските простории на хотелот, кој се наоѓа кај пристаништето во Фолкстон, соопштија противпожарните служби, пренесува британскиот медиум LBC.
На местото на настанот беа испратени 26 противпожарни возила, додека од околните делови на градот се гледаше големо количество чад. Фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи прикажуваат густ чад што се издига од долните нивоа на зградата, како и оштетувања на фасадата на хотелот.
Според досегашните информации, во пожарот нема повредени лица.
Полицијата соопшти дека постои сомнеж оти пожарот можеби бил намерно предизвикан и започна истрага за околностите поврзани со инцидентот. Истражителите упатија апел до сведоците, како и до сите што поседуваат снимки од безбедносни камери или од камери во возила (т.н. „даш-кам“), да се јават.
Петнаесет противпожарни возила останаа на местото на настанот во раните утрински часови додека екипите продолжуваа да се борат со огнената стихија.
Советот на округот Фолкстон и Хајт соопшти дека во еден спортски комплекс е формиран центар за помош на жителите, со цел да им се пружи поддршка на оние што морале да го напуштат хотелот. На жителите во близина им беше препорачано да ги затворат прозорците и вратите, да ја избегнуваат зоната на пожарот, да се држат подалеку од хотелот и да ги следат упатствата на службите за итни интервенции.
Исто така, граѓаните беа повикани да не ги блокираат пристапните патишта за да можат противпожарните возила и другите возила на итните служби непречено да интервенираат.
До 10:00 часот, на местото на настанот останаа две противпожарни возила, додека сообраќајните ограничувања сè уште беа на сила. Противпожарната служба извести дека ситуацијата значително се подобрила и дека екипите продолжуваат со гаснење на преостанатите жаришта.
Полицијата истражува пожар во хотел во Фолкстон; евакуирани околу 280 лица

