Со празнична вечерна богослужба во храмот „Рождество на Пресвета Богодорица“, а потоа и со литија со иконата на Пресвета Богородица – Троеручица попладнево во 17:00 во Скопје ќе започне одбележувањето на празникот Рождество на Пресвета Богородица.
Празникот, кој се слави на 21 септември, го чествува раѓањето на Мајката Божја и во православната традиција се смета за почеток на големите празници посветени на спасението на човечкиот род.
Пресвета Богородица во народното и духовното предание се доживува како заштитничка на мајките, жените и семејствата, но и како заштитничка на Скопје. Во нејзина чест, во центарот на градот е подигнат храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, познат и како „Света Богородица“ и „Пресвета Богородица Троеручица“.
Храмот, со својата богата историја, разрушувања и обновувања, и денес е место на молитва, собирање на верниците и сведоштво за духовниот и културниот живот на Скопје.
Братството при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, ги повикува верниците и сите луѓе со добра волја да учествуваат во торжественото прославување на празникот на Раѓањето на Мајката Божја – заштитничката на градот Скопје.

