На Јеховините сведоци отсега им е дозволено да примаат одредени видови трансфузија на крв, реши раководното тело на оваа верската заедница.
Со ваквата одлука, се ублажува долготрајната и контроверзна политика во врска со медицинската употреба на донирана крв, но забраната за трансфузија на цела крв останува во сила.
„Секој христијанин мора да донесе лична одлука во врска со употребата на четирите главни состојки во секаков вид медицинска и хируршка нега“, изјави Џефри Џексон, член на Раководното тело на заедницата.
Во одлуката се наведува дека Јеховините сведоци можат да примаат производи добиени од донирана крв. Тие можат да се подложат на медицински третмани со користење на четирите главни компоненти на целата крв: плазма, тромбоцити, како и црвени и бели крвни зрнца.
Плазмата, течната компонента на крвта, често се користи трансфузија на луѓе кои претрпеле траума или боледуваат од одредени болести, црвените крвни зрнца може да се користат при состојби како што е анемијата, белите крвни зрнца за одредени инфекции, а крвните плочки (тромбоцитите) се користат при некои третмани за рак и други терапии.

Новото соопштение, исто така, им дозволува на Јеховините сведоци, врз основа на нивната индивидуална совест, да одлучат дали сакаат да донираат крв наменета за медицински третман на други лица.
Сепак, организацијата и понатаму се противи на тоа членовите да примаат трансфузија на цела крв или да донираат крв за таа цел. Инаку, трансфузиите на целата крв сè уште се ретки во медицинскиот свет.
Во март, Раководното тело на Јеховините сведоци веќе најави првично ублажување на правилата. Тогаш на членовите на зедницата им беше дозволено да ја складираат сопствената крв за иден медицински третман, но не и за третман на други лица.
Меѓународниот портпарол на Јеховините сведоци, Пол Гилис, тогаш во едно интервју изјави дека членовите на верската заедница не треба лекомислено да ја носат одлуката во врска со употребата на крвни производи.
„Она што го велиме е дека треба да се молите за тоа, да истражувате длабоко и да видите што вели Библијата за тоа, бидејќи во Библијата крвта го симболизира животот“, рече Гилис.

Членовите, според раководството на заедницата, мора да ги земат предвид сите овие фактори „пред да донесат одлука со која ќе се чувствуваат спокојно пред својот Бог“.
Контроверзна забрана
Критичарите отсекогаш ја обвинувале верската заедница дека забранува трансфузија на крв во критични моменти кога се спасуваат животи, што значело дека многу смртни случаи можеле да се избегнат.
Долготрајното противење на Јеховините сведоци кон трансфузијата на крв произлегува од нивното толкување на библиските стихови во кои од верниците се бара да се воздржуваат од крв.
Додека еврејската и другите христијански верски традиции ова го толкуваат како пропис поврзан со исхраната, Јеховините сведоци ја прошируваат таа забрана и на трансфузијата на крв.

