Во Северна Македонија живеат повеќе од 24.000 лица со демеција, од кои најмалку 10.000 со Алцхајмерова болест. Со предизвиците на оваа болест, која уште се нарекува и тивка епидемија на 21 век, се соочуваат и членовите на потесното семејство 24часа/7дена во неделата, со години.
Светскиот ден на Алцхајмеровата болест ќе биде одбележан денеска од страна на Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука (ИАН Скопје) со цел да се испрати порака за социјална интеграција на лицата со деменција, поддршка за семејствата, како и едукација и информирање на јавноста за превенцијата и справувањето со Алцхајмеровата деменција.
Преку музика, лични приказни, едукација и пораки на надеж и поддршка ќе потсетиме дека зад секоја дијагноза стои човек со своја животна приказна, достоинство и потреба за љубов и припадност. „Алцхајмер матине“ е топол и поддржувачки собир кој ги поврзува лицата со деменција, нивните семејства, здравствените работници и пошироката заедница. Во овој простор на разбирање и споделување, ќе се разменуваат лични искуства, корисни совети и професионално знаење, со цел темата на Алцхајмеровата болест да се доближи до пошироката јавност и да се поттикнат емпатијата, навременото препознавање и заедничката грижа, велат организаторите.

