Францускиот претседател Емануел Макрон информира дека во Њујорк имал „многу конструктивен“ разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп во Њујорк.
Според Макрон, на получасовната средба со Трамп, одржана на маргините на годишното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, разговарале за состојбата во Украина и за случувањата на Блискиот Исток, пред се во Црвеното Море.
„Имавме многу добар разговор. Беше многу конструктивен, имаше голема отвореност и успеавме длабински да ги разгледаме тие два конфликти, кои очигледно се од големо значење за светскиот мир и за нашата безбедност“, објави францускиот претседател на социјалните мрежи.
Двајцата претседатели разговарале за „потребата уште побрзо и посилно да им се помогне на украинските пријатели во однос на одбранбените системи“, како и за тоа како може „подобро да се обезбедат“ нафтените постројки во Црвеното Море.
Француските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извор, јавуваат дека Франција изразила подготвена „да придонесе кон безбедноста на саудиската енергетска инфраструктура“.
Покрај со Трамп, Макрон во Њујорк, како што самиот информира, имал и „длабинска средба“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во објава на социјалните мрежи Макрон нагласи дека Франција ќе биде покрај Украина за да ѝ помогне да ја преброди зимата.
Дополнително, за да се спротивстави на руските напади врз енергетската инфраструктура, Макрон ветува зајакнување на украинската противвоздушна одбрана преку испорака на радари и опрема за пресретнување ракети и дронови.

