Опозициската СДСМ нема намера да и се извини на министерката за енергетика Сања Божиновска откако обелодени за нејзината улога во фирмата „Руднап“ која доби тендер од ЕВН за набавка на електрични броила.
Изнесовме факти, а не инсинуации, изјави денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче откако Божиновска ги отфрли обвинувањата и најави тужба доколку СДСМ не се извини.
СДСМ бара од Обвинителството да отвори предмет.
Фактите не се лаги. Тие се регистар. Од 2011 до 2014 била извршен директор на Руднап Група за Централна и Источна Европа. Одговорна за активности во Северна Македонија, Србија, Бугарија и регионот. Од 23 март 2012 до 11 март 2014 – управител на Руднап Бугарија ЕООД. Во 2012 таа фирма направила промет од над 130 милиони бугарски лева. Името ѝ стои и во документацијата на загребската фирма на Руднап, промена регистрирана на 6 декември 2013, идентификувана со бугарски пасош. Не била само вработена. Била запишана управител на компанија на Лазаревиќ во Бугарија и во списите во Хрватска, посочи СДСМ денеска во соопштение.
Од 2006–2011 година, како што тврди СДСМ, Божиновска работела во ЕЗПАДА, меѓународна трговија со струја, а ЕЗПАДА се вкрстувала со мрежата на Руднап на Војин Лазаревиќ.
Во 2011 нејзиното име влегува во собраниска расправа за увоз на струја. РСЕ ги пренесува стенограмите: блискост на тогашните Руднап и ЕЗПАДА со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот човек. Истата гранка. Тогаш имаше шеф. Денеска е министерка. На 11 август 2026 година ЕВН склучува околу 13,2 милиони евра со METER&CONTROL од Србија за броила. СДСМ ја врзува фирмата со групацијата на Лазаревиќ. Граѓанинот ќе ги плати на сметка. Таа вели нема врска со постапката. Врската е целата кариера, велат од СДСМ.

