Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денес во Њујорк ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, соопшти Стејт департментот.
Средбата ќе се одржи на маргините на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации и доаѓа во време на засилени дипломатски напори на Вашингтон во врска со војната во Украина, пренесува Си-ен-ен (CNN).
Закажаната средба следува по состанокот меѓу претседателот Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
По средбата со украинскиот претседател, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Русија и Украина наскоро ќе постигнат договор.
„Мислам дека нешто ќе се случи“, рече Трамп по средбата со Зеленски на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, одговарајќи на прашањето на новинарот дали Украина ќе мора да направи отстапки за да се стави крај на војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп „сака да ја заврши војната“ и ќе стори сè за да успее во тој обид.
Зеленски рече дека најважно е што Трамп би можел да организира трилатерална средба за да се разговара за „сите чувствителни теми“ што би можеле да придонесат за завршување на војната.
На прашањето дали е подготвен да се сретне со Путин, Зеленски одговори дека е „подготвен“ и оти средбата би можела да се одржи „во секое време, кога сите страни ќе бидат подготвени“. Зеленски рече дека на средбата се разговарало и за можноста за енергетско примирје меѓу Украина и Русија.
Тој изјави дека Киев е отворен за каков било формат на такво примирје, под услов Русија да не го напаѓа енергетскиот систем на Украина.
Рубио денес ќе се сретне со Лавров во Њујорк

