Градоначалникот на турскиот главен град Анкара и главниот фаворит за опозициски кандидат на претседателските избори во Турција во 2028 година, Мансур Јаваш денеска соопшти дека ја напушта неговата социјал-демократска Републиканска народна партија (ЦХП).
„Поднесувам оставка од Републиканската народна партија и јавно ја објавувам мојата одлука да ја продолжам политичката кариера како независен кандидат“, наведе Јаваш во објава на социјалните мрежи.
Тој нагласува дека ќе остане градоначалник на Анкара и ќе продолжап да им служи на сите жители на градот со истата љубезност, без оглед на нивната политичка припадност.
Јаваш стана член на ЦХП во 2013 година по долга политичка кариера во две националистички партии. Тој беше избран за градоначалник на Анкара во 2019 година и реизбран на функцијата во 2024 година со 60,4 отсто од гласовите.
На претседателските избори во 2023 година, тој беше кандидат за потпретседател заедно со градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој во моментов е во затвор.
Расколот во ЦХП
Истапувањето на Јаваш од ЦХП, која по парламентарните избори во 2023 година беше најголема опозициска сила во Големото национално собрание на Турција со 169 мандати, доаѓа во време на сериозен раскол во партијата.

Во мај годинава, со судска одлука од функцијата беше разрешен дотогашниот партиски лидер Озѓур Озал, кој веќе во јули ја основаше Новата партија (ЈЕНИ) повлекувајќи со себе 91 пратеник на ЦХП. На тој начин ЈЕНИ стана најголема опозиицска партија во Парламентот, а ЦХП, предводена од Кемал Киличдароглу, остана со само 44 пратеници.
Под водство на Озал во периодот од 2023 до 2026 година, ЦХП постигна убедлива победа на локалните избори во 2024 година, освојувајќи повеќе гласови исламистичко-конзервативната Партија за правда и развој (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
По оваа победа, ЦХП се најде под зголемен правен притисок, при што стотици партиски функционери беа уапсени под сомнеж за корупција, вклучително и градоначалникот на Истанбул, Имамоглу. На крајот во мај годинава Судот го поништи изборот на Озал за лидер на партијата поради наводни нерегуларности и купување гласови и го врати го Киличдароглу на чело на ЦХП.
Ваквото негово отстранување од лидерската функција, Озал го оцени како владин маневар за фаворизирање на владејачката АКП на Ердоган, во пресрет на претседателските избори во 2028 година.

