Управата за цивилна заштита на Хрватска упати предупредување до граѓаните нешто пред 5 часот утринава поради пожар на отпад во објектот на компанијата „Метис“ во Кукулјаново, близу Риека, и ширењето на чад што настана како последица од тоа.
На граѓаните им беше препорачано да ги затворат прозорците и да избегнуваат престој на отворено или изложеност на чадот, пренесува „Индекс“.

Некои го добија предупредувањето во 4:45 часот, додека други го добија во 5:35 часот. Известувањето беше испратено на хрватски, англиски и германски јазик.
Предупредувањето се однесуваше на подрачјето на градот Бакар, како и на општините Чавле и Кострена. Известувањето го добија и жителите на Краљевица и делови од подрачјето на Цриквеница.

