Американскиот федерален судија Тимоти Кели му нареди на претседателот на САД, Доналд Трамп повторно да им овозможи пристап до Белата куќа на новинарите од Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и Политико, јавија американските медиуми.
Според судијата, забраната за пристап на екипите од овие три медиумски куќи „веројатно е неуставна“, бидејќи новинарските акредитации им биле одземени без „правна постапка соодветна на уставните барања“.
„Општото правило е дека луѓето мора да бидат информирани и да имаат можност да бидат сослушани пред Владата да им одземе интерес заштитен со Уставот“, се наведува во пресудата на Кели објавена утрово.
Пресудата е изречена врз основа на судската постапка што медиумските куќи ја покренаа против забраната што претседателот Трамп ја објави на 18 септември.
Одлуката за забрана за пристап во Белата куќа за новинарите од Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и Политико, Трамп ја образложи со тврдењето дека тие „постојано шират лажни вести“.
Дополнително и Министерството за правда на САД оцени дека забраната „била неопходна во интерес на националната безбедност“.
Во знак на солидарност со трите медиуми, а пред се со Си-Ен-Ен, уште четири големи американски телевизиски – Си-Би-Ес, Еј-Би-Си, Ен-Би-Си и Фокс, одлучија повеќе да не ги следат активностите на претседателот Трамп.
Си-Ен-Ен, Си-Би-Ес, Еј-Би-Си, Ен-Би-Си и Фокс го сочинуваат т.н. „претседателскиот пул“, во чии рамки тие наизменично известуваат за активностите на претседателот.
Во меѓувреме, Белата куќа го лансираше својот информативен канал „Трамп ТВ“, најавувајќи ажурирања 24 часа дневно, седум дена во неделата со „најдобрите моменти од минатото, соопштенија и најнови и најважни информации од администрацијата, сè на едно место“.

