И две недели по завршувањето на настаните за одбележување 35 години независност на Македонија, ниту отчет зниту инфо за многу одговори поврзани со финансирањето на концертите на Дејвид Гета и другите изведувачи, како и за поединечните суми што ги добил секој изведувач од вкупно 5,53 милиони евра кои биле издвоени за таа намена од страна на Државна Лотарија и општествено одговорни фирми.

Денеска на седницата за пратенички прашања пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ прашуваше и бараше отчет за тоа како се потрошени парите, дали е платен данок, како за 4 дена е избран Дејвид Гета и најавен дека ќе настапува во Скопје, но залудно. Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски не даде никаков конкретен одговор освен дека „Владата е горда што организирала достоинствено одбележување на независноста“, а тоа „на опозицијата ѝ бодело очи“. Спасовски го праша Јанкуловски дали имало одлука на Собранието на акционери на Државна Лотарија со која се определува дека 300 милиони денари ќе одат за прославата, но одговор не доби.
Потрошени се големи суми народни пари, прашањата се од голем јавен интерес, во однос на прославата на 35 години независност. Не беа транспарентно изнесени постапките што биле спроведени, па дозволивме овој јубилеј да се извалка и оцрни. Не мислам само на навредите што ги упати премиерот, министрите и партијата за „талог“ и за „елита наспроти сите останати“. Пред целата јавност премиерот Мицкоски изјави дека за прославата на независноста се потрошени нула денари. Кога се објавија наредниот ден одредени документи и суми, рекоа дека не било нула денари туку 5.53 потрошени милиони евра,ама не биле буџетски туку пари од трговско друштво Лотарија на Македонија. Притоа 300 милиони денари се од Лотарија а 40 милиони денари од општествено одговорни компании. Мислам дека ставот дека тоа не се буџетски пари е став што не може да биде прифатен и не може да биде реален и да соодветствува на вистината, рече Спасовски.
Тој рече дека добивката на Државна Лотарија не е приватна каса ниту на премиерот, ни на министрите ниту на било кој од пратениците, туку се пари што можат да бидат потрошени врз основа на една јасна правна основа, одлуки на надлежни органи и целосна финансиска документација.
Спасовски потсети дека македонските граѓани до денеска не знаат дали е донесена одлука, како биле потрошени тие 5.5 милиони евра, кој одлучи тие фирми да бидат избрани, кој одлучи да биде Гета тука. Пратеникот бараше транспарентност и рече дека ако сите податоци бидат изнесени јавно, транспарентно и потврдени со документи можеби и ќе се расчистат работите и нема да се нагаѓа во јавноста како што рече „дали биле тоа провизии, дали биле потрошени наменски пари“.
Владата со заклучок од 167 седница укажала на Државна Лотарија да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка од 2024 година и да објави јавен повик за реализација на настаните. Но владиниот заклучок со укажување, сам по себе не претставува никаква одлука. Кој предложил користење на добивката, кој ја утврдил намената, кој е овластен тоа да го направи, да ги видиме датумите кога е носена таа одлука? Понатаму, имало јавен повик за избор на организатор со рок од само 5 дена и една пристигната понуда. Повикот завршува на 8 мај а веќе на 12 мај се известува јавноста дека Дејвид Гета ќе биде на настанот во Македонија. Видете, за 4 дена не можете министер да доведете во Собрание да одговара на пратенички прашања, а не Дејвид Гета да го организирате да биде на настан. Сега да го организирате, за наредната година, прашање е дали ќе биде во можност да дојде, рече Спасовски.
Спасовски рече дека овој сомнеж се расчистува со објавување на документите, понудата, како и да се расчистат дилемите за судир на интереси.
Поточно кои лица учествувале во изборот а потоа биле ангажирани во реализацијата на програмата. Неопходно е да се утврди точната договорна и финансиска услуга на „Стардаст“ и на „Авалон интернешнал“ со оглед дека „Авалон интернешнал“ е фирма со блокирана сметка, претпоставувам дека „Стардаст“ го добива јавниот повик за организација и ги ангажира изведувачите. Отчет со соопштување една сума, не може да биде отчет.
Првото прашање ми е – дали е одржана седница на Собранието на акционери на АД Државна Лотарија на која е одобрено користењето на 300 милиони денари од нераспределената добивка за финансирање на прославата на 35-годишнината? Ако е одржано Собранието, кога е одржано, дали е донесена одлука за распределба и сите детали што се во однос на распределбата на добивката. Тоа е една од клучните работи што јавноста треба да ги знае, рече Спасовски.

