Во интерен документ на Министерството за надворешни работи на Белгија се предупреди дека САД под водство на претседателот Доналд Трамп, повеќе не се сигурен сојузник, пренесува лондонски „Фајненшал тајмс“.
Според весникот, кој имал увид во документот, белгиската дипломатија ја изложува стратегијата за „редефинирање“ на односите со Вашингтон, со цел да се заштитат интересите на Белгија без притоа да се остави впечаток на „непријателски“ став.
„Сега е јасно дека американскиот партнер веќе не е сојузник каков што беше во минатото“, се наведува во документот, кој кон крајот на 2025 година го изготвил Одделот за Америка и Карибите при белгиското МНР.
Документот повикува на „темелна преоценка на односите меѓу Европската Унија и Белгија, од една страна, и САД, од друга страна“, при што се додава дека „тековните случувања во САД… веројатно ќе загрозат различни витални интереси на Белгија и на ЕУ“.

Сепак, во документот се наведува дека соработката со актуелната американска администрација останува неопходна, но, истовремено, мора „значително да се зајакне“ дијалогот со пониските нивоа на власт, како со сојузните држави предводени и од републиканци и од демократи, така и со градоначалниците на големите градови.
Исто така, се препорачува продолжување на разговорите со демократската опозиција, одржување контакти со Конгресот и „барање истакнати претставници на новите генерации во рамките на двете партии, кои би можеле да одиграат улога во Америка на иднината“.
Одговор на американската безбедносна стратегија
Според Кабинетот на белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево, документот е изготвен како т.н. „белешка за размислување“, изготвена од Оддел чија задача е токму да ја анализира меѓународната ситуација и врз основа на тоа да формулира предлози.
Кабинетот посочува дека документот не претставува дел од некаков финализиран политички договор за стратегија кон САД, туку е исклучиво документ што изнесува неколку насоки на размислување.

Документот е изготвен и поради тоа што самите САД толку експлицитно ја приспособија својата политика кон Европа, што беше очигледно од објавувањето на американската безбедносна стратегија кон крајот на минатата година.
Според белгиското МНР, изнесената загриженост во документот остануваат предмет на дискусија, вклучително и со американските партнери, а министерот Прево и јавно зборувал за нив во повеќе наврати.
„САД остануваат сојузник, но трансатлантските односи се менуваат. Мораме да го земеме тоа предвид за да ги заштитиме нашите интереси и да се подготвиме за иднината. Тоа значи одржување директен дијалог со Вашингтон, соработка таму каде што имаме заеднички интереси и јасно укажување на прашањата околу кои не се согласуваме. Исто така, тоа значи дека Европа презема поголема одговорност за сопствената безбедност и ги проширува своите меѓународни партнерства“, се наведува во соопштението на Министерството.

