Зголемување од три отсто, толку ќе добијат пензионерите со октомвриските пензии. Тоа значи дека пензионерите со најниски пензии ќе добијат 606 денари, а оние со највисоки пензии 2.830 денари.
Иако дел од пензионерите бараа линеарно зголемување на пензии, сепак власта одлучи – зголемувањето ќе оди со законското усогласување според трошоците на живот и просечната плата.
Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот јануари-јуни, индексот на трошоците на животот бележи раст од околу 1,17 отсто, што дава придонес од приближно 0,585 отсто, додека просечната нето-плата порасна за околу 4,75 отсто, односно носи придонес од 2,375 отсто. Вкупното пресметано усогласување изнесува меѓу околу 3 отсто, а бројката ја потврдија од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ)
Кај просечната старосна пензија од 29.609 денари, зголемувањето изнесува 888 денари, па новиот износ би бил 30.497,27 денари.
Оние што имаат пензија од 20.228 денари ќе добијат зголемување од 606 денари, а осумте граѓани во државата кои имаат највисока пензија од 94.332 денари ќе добијат зголемување од 2.830 денари.
Според статистиката на ПИОМ, во август пензија била исплатена на 349.334 корисници. Износи до 20.228 денари се префрлени на сметките од 26.585 лица (7,61%). Пензии до 23.945 денари имаат 129.480 пензионери (37,06%), а до 30.000 денари – 82.894 пензионери (23,73%).
Нешто повеќе од еден процент од пензионерите, поточно 1,02 отсто, се со примања повисоки од 64.518 денари. Се работи за 3.559 корисници.
Дел од пензионерите со ниски пензии се противат на враќањето на процентуалното усогласување и бараат линеарниот модел да биде трајно законски регулиран. Тој модел се применуваше во изминатите две години, период во кој сите пензии се зголемија за 7.000 денари: два пати по 2.500 денари и два пати по 1.000 денари.

